Logo

Издавачки совет


Би било сосема бесмислено кога би сакале д-р Мирјана Лазарова Трајковска поблиску да им ја претставиме на македонските читатели бидејќи таа како научник и поранешен претседател на Државната изборна комисија со години беше добро позната во Македонија како посветен и храбар поборник за демократската правна држава и за европската мисла. Преку својата дејност како македонски судија при Европскиот суд за човекови права, таа претставува поим и за правниците од странство. Редакцијата на ЕП истовремено, од повеќе причини, е должна кон д-р Мирјана Лазарова Трајковска. Од една страна, таа великодушно го одржа своето свечено излагање за време на официјалната промоција на оваа ревија во Македонија (која се одржа заедно со промоцијата на преводот на македонски јазик на „Практичниот водич за допуштеноста на жалбите пред Европскиот суд за човекови права“, кој беше изработен од страна на ИРЗ, во соработка со Европскиот суд за човекови права). Од друга страна, пред сé благодарение на нејзиниот ангажман, во членовите на издавачкиот совет на ЕП се вброи уште еден актуелен судија на ЕСЧП. Станува збор за проф. д-р Драгољуб Поповиќ.
Проф. д-р Драгољуб Поповиќ е дел од Судот во Стразбур од јануари 2005 година. Во текот на неговата кариера тој, меѓу другото, бил професор по уставно право, историја на правото и на уставот, како и по компаративно право, но работел и како правник за корпоративни прашања, адвокат и амбасадор во Швајцарија. Исто така, учествувал и во изработката на различни нацрт-верзии на Уставот и е автор на повеќе објавени стручни трудови од областа на правото, пред сé од областа на уставното право, но и на два романа.
Проф. д-р Удо Штајнер имаше придонес за ова списание со својот труд за односот на соработка меѓу Сојузниот уставен суд и Европскиот суд за човекови права, кој беше објавен во пилот-бројот на ЕП. Од 1995 до 2007 година беше судија на Сојузниот уставен суд. Неговата кариера како универзитетски професор за јавно право го одведе во универзитетите „Ерланген“,„Тибинген“, „Билефелд“ и „Регенсбург“, каде што денес сé уште предава. Покрај тоа, од 2008 година е народен правобранител на „Германски железници“ A.Д. за жртвите и за преживеаните членови на семејствата од железничките несреќи. Професорот Штајнер им е добро познат на многу уставни судии од регионот поради неговите многубројни ангажмани во рамките на поддршката на уставното судство во Југоисточна Европа од страна на ИРЗ.
Раководителот на оддел при Сојузното министерство за правда во пензија, д-р Јенс Мејер Ладевиг, следниот член на издавачкиот совет што сакаме овде да го претставиме, ја познава работата на Европскиот суд за човекови права како долгогодишен застапник за прашањата од областа на човековите права при германското Сојузно министерство за правда. Покрај тоа, има изградено репутација како коментатор на Европската конвенција за човекови права, но и на други закони што се важни за социјалната правда, како што е германскиот закон за социјалните судови. Исто така, тој е поврзан со Фондацијата ИРЗ како долгогодишен стручњак.
Следен член на издавачкиот совет од Македонија е проф. д-р Тони Дескоски, професор по меѓународно приватно право и меѓународна арбитража при Правниот факултет „Јустинијан Први” во Скопје. Тој бил член на повеќе експертски комисии за подготовка на законите за меѓународно приватно право и за меѓународна арбитража и застапник на Македонија пред Меѓународниот суд на правдата.
Од најмладата земја-членка на Европската унија, Хрватска, потекнува проф. д-р Тамара Чапета. Таа уште многу рано ја препознала европската перспектива на својата татковина и докторирала на тема „Европските судови – националните судии како судии на Европската унија“. Во нејзината академска кариера спаѓаат периодот поминат на Колеџот на Европа во Бриж, каде што се здобила со постдипломска магистерска титула, како и со стипендијата „Фулбрајт“ на Правниот факултет при Универзитетот во Мичиген. Дел од нејзината професионална кариера е и работата на Институтот за меѓународни односи (1994 – 1997 година) и во Министерството за надворешни работи на Република Хрватска (1992 – 1994 година). Денес таа е носител на катедрата Жан Моне на Правниот факултет при Универзитетот во Загреб.
И следниот член на издавачкиот совет уште за време на своите студии го поставил европското право како главен предмет на својот интерес, иако неговата татковина мора да совлада уште една подолга патека на патот кон Европската унија: Доц. д-р Златан Мешкиќ, меѓу другото, студирал и во Виена каде што докторирал со труд на тема: „Европското потрошувачко право со посебен осврт на зелената книга од 2007 година“ и се здобил со звањето доктор на правни науки. Тој е продекан за научно-истражувачка работа на Правниот факултет во Зеница и постојан член на редакцијата на „Нова правна ревија -списание за домашно, германско и за европско право“ (Nova pravna revija - Casopis za domace, njemacko i evropsko pravo), скратено НПР, која се издава во Сараево, исто така, во соработка со Фондацијата ИРЗ.
Доц. д-р Ненад Гавриловиќ е доцент по граѓанско право и по право на интелектуална сопственост на Правниот факултет „Јустинијан Први” во Скопје. Покрај тоа, тој е и стручњак на Организацијата на потрошувачите на Република Македонија. Во својство на член на експертската група за подготовка на измените на македонскиот Закон за облигациските односи, тој се занимавал и со практичното влијание на европското право врз националното право и на тие држави што сé уште не се членки на ЕУ.
Адвокатот д-р Дарко Самарџиќ, последниот член на издавачкиот совет што ќе го претставиме овде, заедно со доц. д-р Златан Мешкиќ е автор на еден обемен учебник за европско право. Самарџиќ докторирал на тема „Правото на политичките партии во Србија и во Црна Гора: Анализа со компаративен осврт на правото во Германија и во Европската унија“ и на правниот факултет е ангажиран како предавач за европско право.