Logo

За ЕП


Концептот на списанието „Европско право” (скратено: ЕП), кое излегува од печат од 2012 година, произлегува уште од неговиот наслов и од местото каде што тоа се појавува. Списанието го разгледува европското право, во чијашто заднина стои понатамошното доближување на Македонија, како земја-кандидат за членство, до Европската унија.

Адресати на списанието не се само правниците, туку и сите оние кои се интересираат за прашањата поврзани со интеграцијата во ЕУ. Меѓу авторите, покрај реномирани научни работници и практичари од земјата и од странство, на наше големо задоволство се вбројуваат и многу правници од помладата генерација.

Иницијатори на ова списание се македонски и германски правници, кои стапија во контакт преку дејноста на Германската фондација за меѓународна правна соработка, регистрирано здружение (скратено: ИРЗ) во Македонија.

ИРЗ беше основана во 1992 година на иницијатива на тогашното Сојузно министерство за правда (денес: Сојузно министерство за правда и за заштита на потрошувачите) со задача да ги поддржува земјите во транзиција во градењето и унапредувањето на нивниот правен систем. Дејноста на ИРЗ во Македонија е дел од германскиот придонес кон Пактот за стабилност за Југоисточна Европа, којшто се финансира со средства на Министерството за надворешни работи на СР Германија.