Актуелности


Увид во германската правна практика за македонските судијки и јавни обвинителки

 

Во периодот од 13 до 19 мај 2018 година група од дванаесет македонски судијки и јавни обвинителки на покана на ИРЗ престојуваше во Бон во рамките на една работна посета. Посетата се одржа како дел од една програма за поддршка на млади македонски правни практичари, која беше овозможена од германското Сојузно министерство за надворешни работи. Бидејќи повеќето од правните практичари, кои исклучиво беа од женски пол, работат во областа на кривичното право, програмата се фокусираше главно на оваа област. Покрај тоа, имаше и настани на теми од граѓанското право.

Посетата започна со еднодневен настан, на кој Вишиот јавен обвинител во пензија, Манфред Штоц, направи вовед во германското кривично право, а особено во кривично-процесното право. Потоа следуваа стручни разговори со јавната обвинителка Штефани Фазбендер во Јавното обвинителство Бон, каде што групата беше поздравена од заменик раководителката, Виш јавен обвинител Анели Мајнерт. Работниот престој продолжи со посета на Претседателството на полицијата во Бон и на кривични расправи, на кои беа продлабочени горенаведените теми.

Во Претседателството на полицијата во Бон македонските гости најпрвин беа поздравени од претседателката на полицијата Урсула Брол-Сова, а потоа разменуваа мислења со раководителот на сектор за кривични истраги, Мартин Гебел, заменик раководител на Дирекцијата за спречување на криминал, и Рајнер Бел, главен комесар на полицијата и раководител на Комесаријатот за спречување на криминал 21, кој се занимава со борба против организираниот криминал. Во Покраинскиот суд тие следеа кривична расправа под раководство на судијата-претседавач Клаудија Гелбер.

Воведот во граѓанското право, вклучувајќи го и судиското дисциплинско право со посебен акцент на професионалната евалуација, го направи поранешниот претседател на Вишиот покраински суд Келн, Јоханес Ридел. Продлабочувањето на овој дел се одвиваше на Покраинскиот суд во Бон, каде учесничките, откако беа поздравени од страна на неговиот заменик-претседател, д-р Маркус Вебер, и од Раководителот на оддел во претседателската администрација, судијата на Покраинскиот суд д-р Тобиас Гилих, посетија повеќе граѓански расправи, кои беа водени од страна на судијата-претседавач Ева Хопе.

Програмата беше заокружена со други закажани средби, како што е на пример посетата на Библиотеката на иститутот за кривично право на Правниот факултет во Бон.

Настанот покажа низа разлики меѓу начините на постапување во двете држави, кои не се последица само на правни прописи, туку и на вообичаените практики кои се типични за земјите. Па така, парничната постапка учесниците ја сумираа на следниот начин: „Во Германија судиите целат кон спогодување, а странките тоа го прифаќаат. Покрај тоа, судиите на секоја странка ѝ укажуваат на недостатоците на нејзините поднесоци, без притоа да се создаде впечаток дека судот е пристрасен.“

Со цел да се зголеми одржливоста на работната посета, учесничките добија низа преводи на закони и други текстови за германското право, кои се настанати во рамките на долгогодишните и богати активности на ИРЗ поврзани со објавување на правни побликации во Југоисточна Европа.

Дополнителни писмени материјали кои беа користени за време на стручните разговори и кои наидоа на  голем интерес од страна на македонските гости, ќе бидат преведени на македонски јазик по завршувањето на работната посета. Притоа спектарот на теми се протега од соопштенија за медиумите на судовите, па сè до пример за договор меѓу вишо јавно обвинителство и претседателство на полицијата за соработка во кривичните предмети.