Извештаи од Северна Македонија


ЕСЧП ја истакна беспрекорната соработка со ИРЗ

 

      Проектната област на ИРЗ во Југоисточна Европа повеќе години интензивно соработува со Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) во Стразбур. Во рамките на оваа соработка ИРЗ и ЕСЧП, меѓу другото, заеднички издаваат книги за Европската конвенција за човекови права (ЕКЧП) и за судската практика на ЕСЧП на јазиците од земјите во Југоисточна Европа, во кои спаѓа и македонскиот јазик. Покрај тоа, ИРЗ во Босна и Херцеговина, Македонија, Црна Гора и Србија одржува настани за обука и стручна надградба на прашања поврзани со човековите права, на кои учествуваат судии од ЕСЧП.

       Судот во еден детален извештај на англиски и француски јазик во мартовското издание на неговиот "Information Note on the Court's case-law/ Note d'information sur la jurisprudence de la Cour" соработката со ИРЗ ја оценува како добар пример за заеднички активности. Во него првенствено се претставени публикациите што се подготвени во рамките на оваа соработка со средства на Министерството за надворешни работи на СР Германија, а коишто исто така може да се преземат како документ во ПДФ-формат на веб-страната на Судот. Најнов пример е српското издание на прирачникот за европското право за недискриминација. Публикациите за ЕКЧП на македонски јазик исто така може да се најдат на оваа почетна страна со повикување на следните линкови http://www.echr.coe.int/Documents/Admissibility_guide_MKD.pdfhttp://www.echr.coe.int/Documents/Guide_Art_5_MKD.pdf и 

http://www.echr.coe.int/Documents/Research_report_article_10_MKD.pdf .

       Покрај тоа, во придонесот е истакнато значењето на човековите права во преостанатите активности на ИРЗ и илустративно се претставени двете списанија „Нова правна ревија" и „Европско право" што ИРЗ ги издава во Југоисточна Европа, како и специјалната веб-страна за прашања поврзани со недискриминацијата. Двете списанија се финансираат со средства на Министерството за надворешни работи на СР Германија од германскиот придонес кон Пактот за Стабилност за Југоисточна Европа. Веб-страната настана во рамките на еден регионален проект за правото на недискриминација, што беше поддржан од Министерството за надворешни работи на СР Германија со средства за унапредување на човековите права.

 

 

 

 

Дејноста на ИРЗ во Македонија во 2013 година

(Извадок од годишниот извештај на ИРЗ за 2013 година. Целосниот годишен извештај за 2013 год. на германски и на англиски јазик е достапен за преземање на следниот линк: http://irz.de/phocadownload/jahresbericht_2013.pdf).

Македонија

Општо – Концептуална ориентација

Правно-политичка појдовна точка

Спогодбата за стабилизација и асоцијација меѓу Македонија и ЕУ е на сила од 1. април 2004 година. Од декември 2005 година земјата има статус на земја-кандидат за членство во Унијата. Извештајот на Европската комисија за напредокот на земјата за 2013 година повикува на зајакнување на напорите во областа на владеењето на правото и подобрување на квалитетот на судството. Ваквата ситуација и понатаму се карактеризира со ограничени капацитети на персоналот во правосудните институции и со честопати индиферентен став на локалните експерти наспроти решенијата кои се ориентирани кон континентално-европското право, како и со склоност кон хибридни закони, кои ги поврзуваат елементите на континентално-европското и англоамериканското право.

Досегашна соработка

ИРЗ ги започна своите активности во Македонија во 2000 година во рамките на Пактот за стабилност и значително ги зајакна во втората половина на истата деценија, првенствено преку вклучување на контактите, кои беа остварени со еден голем проект финансиран од трета страна (герм. Drittmittelprojekt), како и со основањето на Академијата за судии и јавни обвинители. Од 2007 година се одржуваат редовни заеднички настани со Академијата, но и со Адвокатската комора на Македонија. И во Македонија ИРЗ ја зголемува целната група на своите активности и нејзината одржливост преку правни публикации на локалниот јазик. Откако беше етаблирана повеќетомната публикација „Придонеси од работата на ИРЗ во Македонија“, во 2012 година со издавањето на македонско списание за Европско право ИРЗ започна уште една редовна серија на публикации. Надоврзувајќи се на овие активности, таа во 2013 година во соработка со Одделот за јавни информации и публикации за судската практика при Европскиот суд за човекови права, започна со превод на материјали на ЕСЧП на македонски јазик и истите да ги дистрибуира како во печатена форма така и на интернет.

Најголеми партнери

  • Академија за судии и јавни обвинители
  • Европски суд за човекови права
  • Совет на Европа
  • Уставен суд
  • Министерство за правда
  • Адвокатска комора
  • Научни работници на Правниот факултет во Скопје
  • Канцеларија на Народниот правобранител

Стратегија и метод на работа

Во Македонија е особено важно да се подобри квалитетот на примената на правото и да се следи една единствена ориентација кон континентално-европското право, што исто така би соодветствувало и на македонската традиција.Затоа ИРЗ акцентот го става на поддршкатана примената на правото преку настани за професионална обука и публикации. Други важни теми се човековите права и нивното спроведување, како и одржувањето контакти со млади правници кои го говорат германскиот јазик и кои како потенцијални идни мултипликатори претставуваат значајна целна група. На соодветни теми ИРЗ соработува и со други германски организации.

Тежиште на активностите во 2013 година

Уставно право / човековите права и нивното спроведување

  • Мултилатерален симпозиум за уставно право на Универзитетот во Регенсбург со учество на еден судија на македонскиот уставен суд

  • Превод на „Практичен водич за критериумите за допуштеност на жалбите пред ЕСЧП“ на македонски јазик

  • Објавување на овој практичен водич во печатена форма, како и на веб-страната на ЕСЧП и на Адвокатската комора на Македонија

  • Конференција за Европската конвенција за човекови права со учество на македонскиот судија при ЕСЧП, д-р Мирјана Лазарова Трајковска, одржана во соработка со Адвокатската комора на Македонија, Македонската академија за судии и јавни обвинители и Канцеларијата на Народниот правобранител

Граѓанско и стопанско право

  • Семинар на македонската Академија за судии и јавни обвинители во Скопје на тема „Законот за јавни набавки во Македонија и во ЕУ“

  • Учество на претседателот на македонската Комисија за заштита на конкуренцијата на 16. меѓународна конференција за картели во Берлин

  • Семинар на македонската Академија за судии и јавни обвинители во Скопје на тема „Справување со мобинг според законот за работни односи“

Примена на правото

  • Конференција „Судиска етика и борба против корупцијата во правосудството: Компаративни искуства и заеднички предизвици“ заедно со македонската Академија за судии и јавни обвинители и Сојузот на германските судии во Скопје, со учество на шефот на германската делегација во Сојузот на држави за борба против корупцијата (ГРЕКО)

Јавно право

  • Учество на членовите на Законодавно-правната комисија на македонското собрание на III. Меѓународна конференција за членови на законодавно-правни комисии на националните собранија во Берлин

  • Издавање на два броја на македонско-европското правно списание „Европско право“ во соработка со научни работници на Правниот факултет во Скопје

  • Дистрибуција на ова списание во електронска форма преку веб-страната на македонската Академија за судии и јавни обвинители и на мрежата на правници од Југоисточна Европа „Хармониус”

Кривично право и извршување на кривичните санкции

  • Семинар на македонската Академија за судии и јавни обвинители во Скопје на тема „Истраги во предметите од областа на стопанското и на кривичното право“

Стручна едукација и надградба

  • Учество на млади македонски правници на летната школа „Германско право" во Брил

  • Дистрибуција на стручни публикации, кои беа изработени во рамките на проектната работа на ИРЗ во други земји од регионот со сродни јазици, на избрани проектни партнери

Изгледи за иднината

ИРЗ ќе ја продолжи соработката со македонската Академија за судии и јавни обвинители на полето на стручната едукација и надградба во различните правни областии ќе продолжи да организира семинари во различни правни области кои се од особено практично значење. Освен тоа, таа ќе продолжи и во иднина да ја објавува серијата на правни публикации. Покрај тоа, темата ЕКЧП и понатаму ќе биде значајна за нејзината проектна работа во Македонија.